Украина вечерва треба да го потпише долгоочекуваниот договор за стратешки минерали со Соединетите Американски Држави, кој предвидува целосна контрола на Киев врз сопственоста на ресурсите, без задолжување и со формирање заеднички инвестициски фонд со поделба на приходите 50:50, објави „Киев Пост“.
Според нацрт-договорот што го доби редакцијата на „Киев Пост“, новиот документ ги вклучува сите клучни барања на Украина, што е значителен напредок во однос на претходните верзии што се разгледуваа меѓу двете страни. Министерката за економија на Украина, Јулија Свириденко, денес пристигна во Вашингтон со цел да го потпише договорот. Извор близок до владата потврди дека украинскиот кабинет е подготвен веднаш да го ратификува.
Што предвидува договорот?
Договорот предвидува формирање на заеднички инвестициски фонд меѓу Киев и Вашингтон за искористување на богатите, но недоволно развиени минерални ресурси на Украина. Двете страни ќе имаат еднакви удели, а приходите ќе се делат по систем 50:50 – но само за нови концесии, не и за постојните договори.
Киев ќе ја задржи целосната сопственост врз сите средства, вклучително и врз природните ресурси. Приходите од критичниот сектор за минерали, како и од нафтата и гасот, се вклучени во договорот, но државните компании – вклучувајќи ја и „Укрнафта“ – остануваат под украинска контрола.
Инвестиции наместо долгови
Фондот ќе се користи исклучиво за финансирање на реконструкцијата на Украина, а двете страни ќе придонесуваат во него, меѓу другото и преку идната американска воена помош – вклучувајќи системи за воздушна одбрана. Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна изјави дека Киев има намера да купи десет системи „Патриот“, но сè уште не е јасно дали тие ќе бидат вклучени во рамки на овој договор.
Според извори на АФП, договорот не предвидува никакви долгови за Украина, туку само инвестиции. Оваа одредба е особено важна по контроверзите предизвикани од тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД наводно испратиле 350 милијарди долари помош – тврдење што беше демантирано.
„Договорот ја обезбедува еднаквоста на партнерите“, изјави еден украински функционер за АФП. „Ќе се формира инвестициски фонд кој ќе служи за обнова на земјата.“ Сите инвестиции од фондот ќе се реализираат исклучиво на територијата на Украина, но не се очекуваат значителни приходи најмалку во следната деценија.
Напредок по тензични односи
Разговорите околу договорот долго време беа во застој, особено по жестоката расправија меѓу Трамп и Зеленски на состанокот во Белата куќа на 28 февруари. Сепак, процесот доби нова динамика по потпишувањето на меморандум за намери на 17 април, кој министерката Свириденко го опиша како основа за денешниот договор. Минатата недела, украинската делегација во Вашингтон, предводена од премиерот Денис Шмихал, ги финализираше деталите од договорот, кој сега се очекува да биде официјално потпишан. Од американска страна, договорот се смета за важен чекор во насока на економско зајакнување и стабилност на Украина, како и за долгорочно одвраќање од идна руска агресија. Киев, пак, инсистира економските партнерства да бидат проследени и со формални безбедносни гаранции.