Украина ќе им се „оддолжи“ на САД со вредни минерали: Трамп најави промени во нацрт-договорот

од Nikola Popovski
239 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека САД наскоро ќе потпишат договор за минерали и природни ресурси со Украина и дека неговите напори да постигне мировен договор за земјата одат „прилично добро“. Трамп ги даде забелешките во Белата куќа откако потпиша извршна наредба за зголемување на производството на критични минерали во САД.

„Работиме добро со Украина и Русија. Една од работите што ги правиме е потпишување договор со Украина во многу рок во врска со ретките метали“, рекол тој.

Трамп, исто така, се осврнал на одделните разговори оваа недела со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, со цел да се стави крај на руската војна во Украина.

„Би сакале да видиме таа војна да заврши и мислам дека работиме прилично добро во тој поглед. Се надеваме дека ќе спасиме илјадници луѓе неделно од смрт. Тие умираат толку непотребно и верувам дека ќе го направиме тоа“, кажал Трамп.

Како што потсетува Ројтерс, Украина и САД овој месец соопштија дека се договориле што е можно поскоро да склучат сеопфатен договор за развој на критичните минерални ресурси на Украина, што Трамп го гледа како начин земјата да им исплати на САД за помошта.

Во моментов не е јасно дали и какви промени се направени во договорот, имајќи предвид дека претходната верзија не ги вклучуваше експлицитните безбедносни гаранции што Украина ги побара.

На прашањето како сегашната верзија на договорот за минерали се разликува од претходниот нацрт, висок американски функционер рекол дека е „подетален и посеопфатен“, одбивајќи да даде дополнителни појаснувања, додека украинската амбасада во Вашингтон не одговорила веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Кога станува збор за извршната наредба за зголемување на американското производство на клучни минерали, таа исто така има за цел да ја неутрализира контролата на Кина во таа област, имајќи предвид дека таа е најголемиот светски производител или преработувач на многу критични минерали.

Во производството на електроника се користат литиум, бакар, никел и други минерали, а побарувачката за производство на батерии за електрични возила се очекува да се зголеми во наредните години. Американскиот рударски сектор долго време бара усвојување на ваква извршна наредба, при што многумина се жалат дека бирократските одложувања го попречуваат производството во земјата, наведува Ројтерс.

Имено, регулативата, меѓу другото, ги насочува федералните агенции да креираат листа на американски проекти за рударство кои можат брзо да бидат одобрени.

Слични содржини