Киев ја обвини Русија дека ја уценува Европа со прекин на испораката на гас за Полска и Бугарија и на тој начин се обидува да го наруши единството на сојузниците на Украина.
Членката на НАТО, Полска е меѓу европските земји кои бараат најстроги можни санкции против Русија поради инвазијата на Украина, а Бугарија, исто така членка на Алијансата, е речиси целосно зависна од увозот на руски гас.
Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека Русија „почнува со гасна уцена на Европа“, пренесе Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
„Русија се обидува да го наруши единството на нашите сојузници. Русија исто така докажува дека енергетските ресурси се оружје. Затоа Европската Унија треба да биде обединета и да воведе ембарго на енергетските ресурси, лишувајќи ги Русите од енергетското оружје“, рече Јермак.