Во текот на ноќта Русите го нападнаа регионот на Киев со дронови, соопшти регионалната воена управа.
Како што соопштија од армијата, станува збор за ирански дронови камикази „Шахид“ и на ова подрачје биле соборени пет такви летала, пренесоа украинските агенции.
Рано во петокот, жителите на украинската престолнина Киев беа повикани да се упатат кон засолништата за воздушни напади додека сирените се слушаа низ градот, еден ден откако Русија го започна најголемиот воздушен напад од почетокот на војната во февруари, објави „Ројтерс“.
Малку по 02:00 часот, градската управа на Киев објави предупредување на својот канал на апликацијата за пораки Телеграм за сирените за воздушни напади и ги повика жителите да се засолнат.
Сведок на „Ројтерс“ на 20 километри јужно од Киев слушнал неколку експлозии.
Гувернерот на Киевската област Алексеј Кулеба на Телеграм наведе дека е во тек „напад со дронови“, а неколку часа подоцна изјави дека нападот бил насочен кон инфраструктурата и дека нема жртви.
„Ноќен напад со дронови. Русија повторно ги таргетираше нашите инфраструктурни објекти. Силите за противвоздушна одбрана ги одбија дроновите. Претходно немаше удари. Службите за итни случаи работат на местото на несреќата“, напиша Кулеба на Телеграм.
Една административна зграда е делумно уништена, изјави Сергеј Попко, шеф на цивилно-воената администрација на Киев, но засега нема информации за жртви.
Киев вели дека Иран ја снабдува Москва со дронови за воздушни напади, но Техеран вели дека последен пат испратил дронови во Русија пред почетокот на војната.