Украинската хакерска група „Silent Crow“ се пофали вчера дека целосно ја уништила внатрешната ИТ инфраструктура на најголемиот руски авиопревозник „Аерофлот“.
Компанијата вчера навистина имаше проблеми и одложуваше или откажуваше летови поради „пад на информатичкиот систем“. Беа одложени 42 лета.
Украинските хакери соопштија дека заедно со белоруската хакерска група „Киберпартизани“ една година биле навлезени во внатрешната корпоративна мрежа на авиокомпанијата и успеале да уништат околу 7.000 физички и виртуелни сервери.
Тие извлекле бази на податоци за летовите, ги нарушиле сите критични корпоративни системи, презеле контрола над компјутери на вработени, вклучително и на раководители…
„Сите ресурси им се недостапни или уништени. Нивното враќање ќе одземе десетици милиони долари“, тврдат хакерите. Тие велат дека нивната операција е порака за руските безбедносни служби „неспособни да заштитат клучна инфраструктура“.