Украинскиот парламент одби да го разгледа предлог-законот за регрутирање со кој се предлагаат мерки против оние кои избегнуваат да служат воен рок, и истиот беше вратен на ревизија до владата.
Претставниците критикуваа одредени казнени мерки во предлог-законот како неуставни.
Некои предложија должината на воениот рок предложен во предлог-законот да се намали од 36 на 18 месеци.
Нацрт-законот е напишан во обид да се регрутираат повеќе луѓе, имајќи предвид дека Киев се соочува со проблеми на бојното поле по речиси две години конфликт со Русија.
Предлогот, исто така, вклучувал планови за намалување на возраста за регрутација од 27 на 25 години.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатиот месец изјави дека се потребни 450.000-500.000 дополнителни војници за борба против Русија. Сепак, некои клаузули во предлог-законот предизвикаа бес, како што се апсењето на лица кои бегаат од воените обврски, правото на сопственост и слободното користење на своите лични пари.
Предлог-законот ќе им овозможи на Украинците електронски да бидат поканети да се приклучат на вооружените сили. На почетокот на војната, десетици илјади луѓе доброволно се пријавија да се борат, но по речиси две години е тешко да се убеди некој да се бори, јавува Би-Би-Си.
Во декември, на Украинците кои живеат во странство им беше кажано дека од нив може да се бара да се пријават на служење воен рок. Министерот за одбрана Рустем Умеров ова го опиша како покана, а министерството подоцна појасни дека тоа не повлекува никакви санкции за оние кои одбиле да се вратат.