Унгарија се подготвува да ја прошири анти-имиграционата кампања на земји како Грција, Македонија и Србија, објави вчера унгарската влада.
Властите ќе се обидат да ги убедат потенцијалните мигранти дека не вреди да влегуваат во Унгарија. Двете главни причини кои ќе бидат истакнати, се построгите правила за имиграција кои земјата ги усвои на 1 август, и оградата, која се гради по српско-унгарската граница.
Повеќето имигранти кои влегуваат во Унгарија, се насочуваат кон побогатите западноевропски земји како Германија и Шведска.
Друга цел на кампањата е да се скршат патиштата на организираниот шверц на луѓе кои минуваат низ земјата кон ЕУ. Владата на Виктор Орбан ја позајми идејата од ваквата кампања предводена од Германија на Балканот.
“Сакаме да ги информираме мигрантите дека шверцерите на луѓе ќе им ги земат парите , најверојатно без да можат да ги исполнат своите ветувања, ако доаѓаат кон Унгарија”, коментира Јанош Лазар, началникот на канцеларијата на премиерот Орбан.
Кампањата ќе биде усвоена на седница на Владата на 18 август.
Над 120 илјади имигранти влегле во Унгарија во 2014 година Повеќето од нив имаат дојдено преку Грција, Македонија и Србија.
Некои од решенијата на унгарската влада од последниве месеци, како билборди со пораки како “Ако доаѓате во Унгарија, треба да ја почитувате нашата култура”, како и поврзувањето на миграцијата со тероризмот, беа прогласени за ксенофобични од невладини организации.
Построгите правила за имиграција беа подложени и на остри критики од активистите. Според нив новите закони ги прекршуваат меѓународните принципи за однос кон бегалците.
