Украина повторно го нападна нафтоводот „Дружба“, што претставува сериозно нарушување на унгарските интереси, порача министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Тој смета дека Европската комисија со своето молчење застанува на страната на Киев, додека снабдувањето со енергија на Унгарија и Словачка е загрозено, пренесува index.hu.
Гостувајќи во емисијата „Часот на воинот“, Сијарто рече дека Европската комисија „си плука самата себеси в лице со тоа што соучеснички молчи додека Украина го напаѓа нафтоводот „Дружба“. Уште повеќе, вели тој, првите луѓе на ЕК знаеле и не го спречиле нападот
„Многу е тешко да се замисли дека ова прашање не било покренато меѓу Зеленски и Фон дер Лајен, како и другите европски лидери. Зеленски и Фон дер Лајен, Зеленски и европските лидери се постојано заедно, постојано комуницираат, објавуваат на социјалните мрежи колку пати разговарале во текот на денот. Сметам дека е нереално ова прашање да не било меѓу нив“, рече Сијарто во емисијата.
Тој потсети дека Европската комисија на почетокот на годината дала писмени гаранции дека ќе ја заштити клучната енергетска инфраструктура на земјите од ЕУ од напади на земји кои не се членки. Сепак, по 3 украински напади врз „Дружба“ во краток временски период, Европската комисија не издала ниту едно соопштение.
Од почетокот на август, Будимпешта три пати пријави напади на украинските сили врз нафтоводот-на 13, 18 и 22 август. Последните две акции доведоа до привремен прекин на испораката на нафта, поради што Унгарија и Словачка останаа без снабдување пет дена.
Нафтоводот „Дружба“ почнува во Алметјевск, минува низ Брјанск, а потоа се разгранува во два правца: северен – преку Белорусија кон Полска, и јужен – преку Украина кон Унгарија, Словачка и Чешка. Испораката на руска нафта во Германија беше прекината на почетокот на 2023 година, а во Полска на крајот на февруари истата година.