Унгарската партија Фидес постави билборди на кои е прикажана Фон дер Лејен со синот на Сорос

од Stefanija Kuzmanovska
223 прегледи

Владејачката унгарска партија Фидес постави билборди во Будимпешта на кои е прикажана претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лeјен заедно со синот на финансиерот Џорџ Сорос, Алекс Сорос, кој е роден во Унгарија и постојано e цел на напади од партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Билбордите беа поставени во текот на ноќта како дел од кампањата за европските парламентарни избори во јуни следната година.

Ова е прв пат Фон дер Лeјен да биде цел на Фидес, иако нејзиниот претходник Жан-Клод Јункер веќе беше цел на унгарската владејачка партија, што предизвика бес во Брисел, наведува „Ројтерс“.

Сорос е Евреин и некои критичари го гледаат како централна фигура за антисемитските напади на Фидес, што партијата на Орбан жестоко го негира.

Слоганот на билбордите со Урсула фон дер Лејен и Алекс Сорос гласи „Да не играме на нивните мелодии“, пренесува „Танјуг“.

Поради сличните билборди што Фидес ги постави, но со претходникот на Фон дер Лејен, Жан-Клод Јункер и Џорџ Сорос, официјална Будимпешта беше под остри критики од Брисел во 2019 година.

Откако главната централнодесничарска европска парламентарна група ЕПП се закани дека ќе го исфрли Фидес поради билбордите на кои се Јункер и Сорос, партијата на премиерот Орбан одлучи да ги отстрани, но само две години подоцна Фидес се повлече од ЕПП.

Орбан, чија влада се обидува да деблокира милијарди евра од фондовите на ЕУ суспендирани од Брисел поради партиските политики на Фидес, во саботата рече дека Унгарија „мора да каже не на сегашниот европски модел изграден во Брисел“.

Унгарија се очекува да биде во фокусот на следниот самит на ЕУ во средината на декември, како членка на ЕУ која е најнаклонета кон Русија и е скептична во плановите да ѝ се понуди на Украина пат за приклучување кон европскиот блок.

Слични содржини