Инспекциски тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата недела (од 16 до 19 јули), спроведоа вонредни заселени контроли во објекти и оператори со храна (хотели, ресторани, времени – кетеринг објекти,месарници и маркети) во туристичките центри Дојран,Охрид,Струга и Преспа. Со контролите се проверуваше имплементацијата на добра производствена и хигиенска пракса (ДПП/ДХП) базирана на НАССР принципите, инфраструктурните услови во објектите, а се спроведуваа и контроли на активностите согласно регистрацијата на операторите со храна. Во услови на високи надворешни температури, акцент со контролите беше ставен на условите на чување и складирање на производите и роковите на употребливост на храната.
-Со вонредните контроли во овие четири туристички центри опфатени беа 112 објекти – оператори со храна. Изречени беа 54 глоби на 54 оператори со храна, од кои на 8 оператори со храна им беше изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности. Со контролите утврдено беше неисполнување на општите и посебните хигиенски барања во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храна, неимплементирање на сите процедури на ДПП/ДХП базирани на НАССР принципите, храна со поминат рок на употреба, промет на храна без декларација и означување согласно Законот за безбедност на храна и подзаконските акти според кои ваквите производи се прогласуваат за небезбедни за човечка употреба и нештетно се уништуваат појаснуваат од АХВ.
Од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари констатирана била и работа на објекти – оператори со храна кои не се регистрирани или одобрени за работа од страна на АХВ, поради што изречени биле мерки забрана за работа, а затекнатите производи беа забранети за промет и нештетно уништени. Утврдени биле и лоши инфраструктурни и хигиенски услови во кујните, производствените простории, за што некои оператори добија времена мерка забрана за работа.
Од промет беа отстранети 8700 килограми небезбедна храна која беше нештетно уништена.
-Во наредниов период АХВ ќе продолжи со спроведување на вонредни контроли и во другите туристички центри, а поради високите температури, на сила останува мерката за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на земјава, стои во соопштението на АХВ.