Околу 1.400 килограми различни видови дрога и околу 270 парчиња оружје запленети во текот на минатата година вечерва се уништени во кругот на фабриката „Макстил“.
Во рок од шест месеци ова е второ уништување на запленета дрога и оружје со што вкупно се уништени околу 12 тони разновидна дрога.
– Денешново, како и претходното уништување на дрога и оружје, е резултат на големиот број константни оперативни акции и активности што МВР ги спроведува во изминативе неколку години со цел спречување на нелегалната трговија со дрога и прекурсори за што зборува фактот дека минатата 2022 година ја завршивме со запленети рекордни над 2,4 тони дрога и 20 тони прекурсори. Сузбиени беа 12 организирани криминални групи со откриени со над 660 кривични дела и 770 сторители на кривични дела, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Посочи дека се бележи пораст од 18 проценти во борбата против недозволената трговија со оружје и дека се откриени 127 парчиња оружје и 5.103 парчиња муниција.