Универзитетската клиника за психијатрија активно вклучена во борбата со КОВИД-19

од Берта Китинска
236 прегледи

Универзитетската клиника за психијатрија по повод Светската недела за подигнување на свесноста за ментално здравје (18-22 мај) ја потенцираат важноста за унапредување на менталното здравје, посебно во време на актуелната пандемија со Ковид-19.

-Оваа година, неделата за подигнување на свесноста за ментално здравје е малку поинаква од претходните, поради предизвиците со кои сите се соочуваме, поврзани со промената на нашите навики и стил на живеење, предизвикано од светската пандемија со Ковид-19. За таа цел, во наредниот период ќе бидат организирани повеќе активности за промоција и превенција за менталното здравје, наменети за целата популација, како и кон одредени групи под ризик, како што се повозрасни лица, децата и адолесцентите, различни групи со зголемен ризик за насилство, лицата кои веќе се лекуваат од ментални растројства, како и на здравствените работници, кои несебично ги вложуваат сите свои човечки потенцијали за справување со пандемијата, и за зачувување и подобрување на здравствениот статус на населението, информираат од Клиниката за психијатрија.

На подолг рок, луѓето кои биле заразени или имале симптоми на болеста со Ковид-19 можат да бидат изложени на ризик од ментални заболувања, како што се депресија, вознемиреност, замор и посттрауматско стресно растројство и по завршување на лекувањето.

Од Клиниката појаснуваат дека тешките коронавирусни инфекции може да имаат и психолошки последици, вклучително и можни директни ефекти врз централниот нервен систем, степенот на физиолошки компромис, заради низок крвен кислород, имунолошкиот одговор и медицинските интервенции, како и други причини, кои се однесуваат на поширокото социјално влијание, вклучително и социјалната изолација, психолошкото влијание на ново, силно и потенцијално фатално заболување, загриженост за зараза од други лица и стигма.

Повикајте го вашиот доктор, психијатар или психолог ако стресот е присутен во текот на вашите дневни активности неколку дена по ред и не успевате да најдете начин како да се справите со него.

Токму во насока на унапредување на менталното здравје, Клиниката за психијатрија има отворено повеќе телефонски линии, наменети за психолошка поддршка на возрасни во самоизолација, за мајки во бременост и по породување, за родители на деца на предучилишна и училишна возраст, за адолесценти, за родители на деца со пречки во развојот, како и една телефонска линија за психолошка поддршка на албански јазик.

Телефонските броеви од линиите за психолошка поддршка:
– возрасни во самоизолација 072 919 009
– мајки во бременост и по породување 078 378 766
– родители на деца на предучилишна и училишна возраст 072 912 676
– адолесценти 078 378 728
– родители на деца со пречки во развојот 070 291 574
– психолошка поддршка на албански јазик 070 291 657

Изминатиот период од отворањето на телефонските линии покажа дека тие беа потребни за многу граѓани кои првпат се соочуваат со ментални потешкотии, како и за луѓе кои веќе имале искуство со сервисите за ментално здравје.

Слични содржини