Неоспорен факт е дека целата раководна гарнитура е сменета од реваншизам. После вашата погрешно донесена одлука и сите притисоци, уцени и тортури кои ги истрпевме (директорот, управниот одбор и вработените) не потклекнавме и не се откажавме во борбата за зачувување на институцијата. Од наша страна, на со судни маки закажаните средби со Вас, ве информиравме за настанатата состојба поради погрешно донесените одлуки поврзани со НУ Филхармонија и најдобронамерно укажувавме што може да настане, велат членовите на разрешениот Управен Одбор на НУ Филхармонија преку писмо на обвинувањата од министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Истакнуваат дека вистината е само една.
-Бидејќи се повикувате на историја на настаните, еве ние ќе Ве потсетиме на фактите и вистината. Одлуката новоформираниот “Оркестар за џез музика” да биде просторно сместен во објектот на НУ Филхармонија не најде затечени и изненадени и истата ја дознавме од медиумите. Што ќе се согласите дека во најмала рака е крајно некоректно и непрофесионално. Останавте неми на барањето за средба и дијалог за решавање на проблемот кој го создадовте. Откако наидовте на цврст став и отпор при одбраната на својот втор дом од страна на филхармоничарите, само ја дополнивте одлуката со кованицата „времена”. Во име на вистината, Ве потсетуваме на точка 4 од елаборатот во која како просторно сместување на новата национална установа се наведени не само административно адресата на НУ Филхармонија, туку се и детално опишани сите простории од објектот. Делот од елаборатот во кој се вели “Националната установа „Оркестар на џез музика на Република Северна Македонија“ – Скопје својата активност ќе ја извршува во објект кој што е целосно опремен, всушност ќе се заштедат значителни суми од буџетот, како што досега не било случај во однос на ваквите потфати од страна на Владата на Република Северна Македонија” што јасно укажува на намерата овој оркестар да се вдоми во објектот на Филхармонија, истакуваат од УО.
Додаваат дека во решението за разрешување на УО не стои датум од кога истото важи, нема правна поука и нема никакво образложение по кој закон, по кој член и по која одредба истото е донесено.
-Во секоја правна држава ваквото решение би било незаконско. Но, немаме намера да го обжалиме. Ова малтретирање и мобинг веќе подолго време не се трпеше. Овде може да ги спомнеме и ургенциите за кои сами кажавте на последниот прес, кој треба да вежба во просториите на Филхармонија, кои договори за закуп треба или не треба да се раскинат итн. Раководењето со институцијата треба да се остави на професионалците, а не вие да ракувате (позајмено од Вас) со нив, порачуваат од Управниот одбор на НУ Филхармонија и додаваат дека сите манипулации и крајните намери за разрешувањата ќе излезат на виделина.
-Доказите и вистината се на наша страна. Правдата е забавена, но не е заборавена! На сам крај, Ве очекуваме со повик за прес конференција и јавно соочување, како што најавивте пред некој ден на прес конференција, стои меѓу другото во писмото.