УПОЗ бара еднакви додатоци на плати за судиите и судските службеници

од Ивана Рамаданова
217 прегледи

Синдикатот на работниците од Управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) наредната недела излегува на протест доколку не им биде исполнето барањето за рамномерно зголемување на додатоците на плата за судиите и за судските службеници.

Тие на денешната пресконференција реагираат на одлуката на судскиот буџетски совет со која  додатоците на плата на судиите за септември и октомври се зголемени за 10 проценти, а на судската администрација за пет отсто.

Според генералниот секретар на УПОЗ, Трпе Дејановски, со ваквата одлука се привилегира една категорија на вработени во однос на останатите бидејќи износот на додатоци на плата за судиите изнесува од шест до 8.000 илјади денари месечно, а за судските службеници од 500 до 1.500 денари.

„Првенствено сакаме и очекуваме проблемот да го решиме преку дијалог. Доколку бидеме игнорирани од страна на Судскиот буџетски совет, следната недела стапуваме во протест сите судови, а ќе размислуваме и за други начини на бојкот на работата и последното решение на синдикатот секогаш е штрајкот “, истакна Дејановски.

Сашо Темелковски од Здружението на судски службеници смета дека ваквата состојба предизвикува револт во редовите на вработените во судските службеници.

„Револтот произлегува бидејќи отсуствува критериум врз основа на кој една категорија на вработени во судовите се одделуваат од останатите вработени. Судската служба има легитимно право да бара од Судскиот буџетски совет одговор врз кој критериум една категорија на вработени е привилегирана и добива додаток на плата двојно повисок од судските службеници, вели Темелковски.

Од здружението бараат да да се корегира ваквата одлука и исплата на задржаните плати за време на штрајкот за сите вработени и итно донесување на правилникот за судска полиција. И.Р

Фото Борче Поповски

Слични содржини