УПОЗ ќе седне на маса со Владата по враќањето на Мицкоски од САД

од Nikola Popovski
30 прегледи

Синдикатот на УПОЗ добил повратна информација дека е прифатено нивното барање за средба со Владата, во однос на примањата на дел од јавната администрација и вработените во повеќе министерства и државни институции. Според првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, средбата ќе се случи по враќањето на владината делегација од Вашингтон и инаугурацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп.

ССМ очекува средбата да се реализира брзо, со цел продолжување на разговорите кои беа прекинати по одбивањето на анексите на колективните договори од Министерството за финансии.

-Kолегите од овие шест министерства и двете други институции очекуваат да се интензивираат разговорите кои беа прекинати поради одбивањето на анексите на колективните договори од страна на Министерството за финансии. Од тие причини, Синдикатот на УПОЗ подава рака преку социјален дијалог да се најде соодветно решение, но колегите од овие институции се подготвени да ги продолжат протестите и евентуално да преземат и други активности што се возможени согласно законот, рече денеска Трендафилов.

Вработените од повеќе министерства и државни институции протестираа, барајќи додаток на нивните плати во вредност од 30%. УПОЗ обвини дека изминативе денови се изнаслушале декларативни соопштенија од „Илинденска бр.2“ преку кои „Владата не канеше на средби преку вас медиумите, а ние формално не добивме покана за продолжување на дијалогот“.  Трпе Деаноски од УПОЗ информира дека поднеле формално барање за средба со премиерот Христијан Мицкоски. Предупреди дека ќе дадат шанса за продолжување на дијалогот, а доколку не се случи тоа, се размислува за штрајк и за тужби до државата.

Дел од вработените во јавната администрација во изјава за медиумите истакнаа дека заслужуваат достоинствени услови за живот. Не прифаќаат дискриминација и ќе продолжат да се борат за она што го заслужуваат.

Од Владата се сомневаа дека администрацијата излегла на протест од политички побуди. Велат, подготвени се да ги прифатат предлозите.

-Владата е отворена за секаков вид предлози и сугестии. Има бројни механизми преку кои можат да се отворат овие прашања. Интересно е тоа што изминатите години овој синдикат молчеше за ова прашање, па отворено се сомневаме дека зад ваквиот чекор стои политичка позадина, рече неодамна Марија Митева, портпаролка на Владата.

Слични содржини