Наместо во овој период да се одржуваат редовни средби со синдикатите и да се најдат решенија за исплата на минималната плата и скалесто усогласување на останатите плати, Владата на Р.Северна Македонија го прекина социјалниот дијалог, велат од Синдикатот на УПОЗ.
Според нив, на девет дена пред месец април и исплата на новата вредност на минималната плата, Владата се уште не измени ниту еден посебен закон во кој се регулираат платите на вработените во управата и правосудството.
-Од оние информации кои неофицијално ги доби Синдикатот на УПОЗ, произлегува дека скалесто усогласување на платите во управата и правосудството нема да има. Наместо скалесто усогласување, вработените кои се над минималната плата ќе добијат од 600 до 900 денари. Ваквиот однос на Владата кон сопствените вработени е разочарувачки, стои во соопштението на УПОЗ.
Од таму додаваат дека Владата мора да сфати дека со усогласување на платите на вработените и граѓаните ќе им се зголеми куповната моќ и ќе можат да ги набавуваат основните производи за живот и да ги подмируваат режиските трошоци, а со самото тоа ќе и помагаат и на економијата.
За жал, поради прекинот на социјалниот дијалог и не информирањето на синдикатот, Владата единствено успеа уште повеќе да го зголеми незадовослтвото и револтот кај вработените. Поради вака настанатата ситуација и се поголемите барања од синдикалните организации на Синдикатот на УПОЗ за одржување на протести, ги повикуваме сите членови на Синдикатот на УПОЗ и сите вработени во управата и правосудството, кога Синдикатот на УПОЗ ќе повика заедно да го искажеме незадоволството преку прекин на работата и одржување на протести, изјавија од УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ е синдикатот во кој членуваат работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ.
Синдикатот на УПОЗ членува во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).