Управниот суд ги очекува најавените тужби од ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата, Левица и Интегра

од Берта Китинска
313 прегледи

Тече рокот за поднесување тужби до Управниот суд откако Државната изборна комисија едногласно ги отфрли сите 2.142 приговори поднесени од партиите за предвремените парламентарни избори.

ДИК треба да ги достави одлуките до политичките партии и потоа почнува да тече 24-часовниот рок за поднесување на тужби, по што Управниот суд има 60 часа за да одлучи. До синоќа во судот немало пристигнато ниту една тужба од партиите.

– Подготвени сме да примиме тужби од страна на овластени претставници на листите на кандидати за пратеници во текот на денешниот или утрешниот ден, меѓутоа, до овој момент нема поднесено тужби, рече синоќа претседателот на Управен суд Бурим Сејдини.

Тој во гостувањето на Топ Тема, изрази надеж дека нема да дојде до блокада на судот, бидејќи се преземени сите активности и мерки за судот да функционира во целиот свој капацитет.

-Извршена е жрепката на советите за одлучување по избори, така што, убедени сме дека Управниот суд ќе успее навремено да ги изврши своите законски надлежности, а тоа е да донесе одлуки по поднесените тужби и да имаме официјални конечни резултати по одржаните предвремени парламентарни избори 2020 година, рече Сејдини.

Повтори дека се прават напори да се организираат и судот да постапува најефикасно што е можно.

-За првпат Управниот суд, како што се најавите, ќе се соочи со оваа бројка на тужби. Моментално сите стручни соработници, сите судии се на располагање, правиме соодветни симулации како да се обезбеди тоа да навремено одлучиме во рокот од 60 часа по приемот на тужбите, рече Сејдини.

Убедени сме, додаде тој, дека на нашата држава и е потребно што побрзо да се стигне до официјалните конечни резултати за да може конечно да профункционира законодавната власт.

По одлуката на Управниот суд и добивањето на евентуалните одлуки од Уставниот судот, за заштитата на избирачкото право, во ДИК, согласно законот, Комисијата ќе ги објави официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори. Потоа ДИК ќе им издаде уверенија на избраните пратеници. Крајот рок за одржување на конститутивната седница на Собранието е 4 август.

Тужби до Управниот суд најавија полтичките партии ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, Левица и Интегра.

Слични содржини