Управниот суд ја прифати жалбата на коалицијата „Влен“ за гласачко место во Липково, каде што, како што истакнаа од здружената албанска опозиција, имало полнење на кутија од страна на блиски луѓе на носителот на листа на ДУИ во таа изборна единица. Од Влен истакнуваат дека станува збор за техниката позната како „бугарски воз“.
„Во судската одлука стои дека тужбата на кандидатот на претседателските избори во 2024 година, Арбен Таравари, е прифатена“, соопшти Валбон Лимани од коалицијата.
Според Лимани, со ова се докажува изборниот инженеринг на ДУИ на претседателските избори на 24 април и ги повика надлежните институции да постапат за кражбата на гласови и чинителите да се изведат пред правдата.
„По парламентарните избори на 8 мај режимот на ДУИ ќе пропадне. Коалицијата ВЛЕН како следна влада ветува дека ќе го санкционира секој обид на власта во заминување да краде или купи гласови“, рече Лимани.
До Државната изборна комисија (ДИК) по завршувањето на гласањето за претседателските избори, пристигнал само еден приговор за гласање во Липково. Рокот за поднесување приговори за постапката на гласање трае во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето.
Според информациите, „бугарски воз“ имало во избирачкото место 1112/1 во Липковo.