Универзитетската клиника за хематологија доби уред за мониторирање пациенти, стерилизатори, медицински аспиратор и медицински прочистувач на воздух. Средствата во висина од 463.000 денари за набавката на апаратите биле собрани од продажбата на 32 уметнички дела на новогодишната хуманитарна аукција, што ја организирал Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Директорката на Клиниката, Ирина Пановска Ставридис на денешното промовирање на медицинските апарати изјави дека тие им недостигале, а особено оние кои се поставени во Одделот за трансплантација на матични хематопоетски клетки.
Посочи дека со уредот за мониторирање пациенти се следат виталните функции на трансплантираните пациенти, медицински стерилизатори и прочистувачи на воздух со посебно антибактерицидно дејство ќе бидат сместени во реверзната изолација, делот каде се сместени пациентите пред трансплантацијата, а мобилниот аспиратор има огромна важност, бидејќи кај тешко болните може да се прави аспирација на лице место и да не се бара помош од КАРИЛ.
– Ќе се изработи и посебен систем на видео надзор со кој трансплантираните пациенти ќе можат 24 часа да бидат набљудувани од дежурните сестри, рече Пановска Ставридис и се заблагодари за собраните средства од аукцијата на која, како што потенцира, учествувал и премиерот и неговото семејство.
Таа додаде дека повеќе општествено одговорни компании помогнале Клиниката, во која со години не било инвестирано, да се реновира. рп/сд/