Уредник на независен руски весник уапсен поради наводна дискредитација на армијата

од Nikola Popovski
314 прегледи

Главниот уредник на познатиот руски независен весник „Новаја Газета“, Сергеј Соколов е уапсен денеска во Москва под обвинение за дискредитација на руската армија, објави весникот.

Во соопштението се наведува дека Соколов бил уапсен од припадници на Рускиот центар за борба против екстремизмот.

Се додава дека обвиненијата, кои се „административни“ и обично се казнуваат со парична казна или кратка затворска казна, се поврзани со напис отпечатен од весникот. Датумот на сослушувањето на Соколов се уште не е познат.

Организацијата Репортери без граници (RSF) на социјалната мрежа „Х“ објави дека „протестира против ова апсење, што дополнително сведочи за насилството на цензурата во Русија“.

Соколов го презеде уредништвото на „Новаја“ газета во септември 2023 година, откако неговиот претходник на функцијата и нобеловец Дмитри Муратов беше прогласен за „странски агент“ од руски официјални лица.

Претходно, во септември 2022 година, московскиот суд ја одзеде лиценцата на весникот, кој со години беше критичен кон Кремљ, како дел од континуираната акција против критичките гласови во Русија.

Неколку дена по почетокот на руската инвазија на Украина, руската Дума одобри закон со кој се забранува омаловажување на руската војска или ширење „лажни информации“ за настаните во Украина.

Како резултат на тоа, десетици независни руски медиуми беа забранети, додека други престанаа самоиницијативно да известуваат за Украина.

Во март 2022 година, „Новаја Газета“ објави дека ја прекинува својата работа за време на борбите во Украина. Но, вработените во весникот кои се преселиле во странство започнаа нов проект, „Новаја газета Европа“, кој остро ја критикува руската политика.

Фото: Getty Images

Слични содржини