Владата информира дека денеска во земјава пристигнала група од 67 граѓани на Авганистан, вработени во организациите Национален демократски институт (NDI) и Националната фондација за демократија (NED) и членови на нивните семејства.
-Ова е дел од меѓународната операција за помош на демократското авганистанско население кое е во опасност од талибанските власти. По слетувањето беше спроведена стандардната процедура со безбедносна проверка и заштита и ПЦР тест. Цивилите ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од меѓународните организации, велат од Владата.
Во моментов во Македонија престојуваат 579 авганистански граѓани на кои институциите им ја пружаат потребната поддршка и помош. Од земјава до сега заминаа 141 цивил на кои траен престој им обезбедија повеќе држави низ светот.