По 2 децении живот во институција 7 лица од Заводот Бања Банско добија топол дом

од Vladimir Zorba
229 прегледи

Уште 7 лица од ЈУ Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско добиваат топол дом. Министерството за труд и социјална политика обезбеди 4 станбени единици во Струмица кои се целосно прилагодени за нивните потребите. Се работи за корисници кои изразија желба да ја напуштат установата и после 20-30 години сместени во неа ќе продолжат да живеат самостојно.

„Им честитам на жителите на новите станови за нивната желба, упорност и храброст што ја донесоа оваа одлука и да продолжат да живеат самостојно, а ние сме тука да ги поддржиме во нивните намери. Посебно се радувам што процесот на деинституционализација со кој изминатиот период беа опфатени само децата згрижени во институции, сега се спроведува и за повозрасните лица. Сакам да се заблагодарам и на УН агенциите кои максимално се вложија ова денеска да стане реалност, како и до вработените и раководството на Заводот за рехабилитација, кои од самиот почеток се вклучени во овој процес“, истакна Царовска.

Становите се адаптирани согласно индивидуалните потреби на корисниците и опремени со потребната опрема и мебел, која целосно е избрана од самите корисници. Како поддршка на независното живење обезбедена е услугата лична асистенција, а ќе биде дополнително ангажиран и негователски кадар.

„Претставува огромно задоволство да се види дека процесот на деинституционализација напредува толку добро во изминатиот период. Искрено ја славиме и честитаме за посветеноста на Министерството и на целата Влада во спроведувањето на овие реформи. Потребни се многу напори и посветеност за да се осигура дека лицата со попреченост може да ги реализираат своите права да живеат независно и да бидат вклучени во заедницата. Затоа, сакам да ги уверам Владата и заедницата дека целото ОН семејство е достапно и одлучно да ја обезбеди сета неопходна поддршка за во овој процес никој да не заостане”, рече Росана Дуџак, Резидентен координатор на Обединетите Нации (ОН).

Градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски рече дека денеска Струмица е сведок на процесот на деинституционализација на овие институции и според него овој концепт дава една голема можност за корисниците да ја покажат својата индивидуалност, креативност, можност да делуваат на општеството.

„Ние како општина ја поддржуваме оваа активност, бидејќи мислам дека тоа е еден напреден и визионерски концепт кој верувам дека целосно ќе успее. На овие први, храбри пионери кои што еве ќе ги почувствуваат благодетите на овој проект, им посакувам многу здравје и успех, да го искажат сопствениот потенцијал за да видиме што тие можат кон општеството, а не што не можат. Општина Струмица им стои на располагање, можат да сметаат на нашата поддршка како досега така и понатаму, за да може овој процес да успее максимално”, изјави Јаневски.

Првите корисници кои излегоа од Заводот „Бања Банско“ се Фанка и Јонче, кои сега живеат самостојно, имаат личен асистент и ги добиваат сите потребни услуги. Во моментот се подготвува преселба на дополнителни 4 корисници од „Бања Банско“, за кои веќе е потпишан преддоговор за адаптација на куќа согласно со потребите на корисниците. Во наредниот период во соработка со УНДП и локалната организација „Избор” Струмица ќе започне со работа и Центар за рехабилитација на лица со попреченост кој дополнително ќе даде поддршка на овие лица во зајакнување на нивните работни потенцијали.

Слични содржини