Уште четири дена до изборите: Дали клучот за успехот е град Скопје?

од Nikola Popovski
446 прегледи

Остануваат уште три дена до крајот на кампањата за вториот круг од локалните избори, при што се засилуваат активностите и средбите со граѓани на кандидатите на изборите, но не изостануваат и меѓусебните обвинувања на опонентите.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев синоќа од Куманово повторно повика на обединување, како што рече, кумановци обединети да го сочуваат социјалдемократскиот дух, прогресивноста и напредокот. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, на митингот од скопската населба Лисиче, порача дека победата е на дофат и оти недостасува само уште еден голем исчекор на 31 октомври.

Додека премиерот, игра на карта дека со оваа порака ќе го мотивира членството и граѓаните да излезат на гласање во недела, се погласно се поставува прашањето: Зошто освојувањето на Скопје од страна на опозицијата би било крај за владата?

„Не можете да бидете лидер и да водите напред, ако се случи да имате спротивставени локални власти. Седејќи дома граѓаните помагаат да се врати режимот“, порача премиерот Зоран Заев во понеделникот во телевизиско интервју, аргументирајќи ја неговата одлука дека неуспехот на Шилегов, би значел крај и за него.

„Не е притисок. Оваа изборна кампања се обраќам кон граѓаните на Скопје и сум горд што изградивме заедничко Скопје и она на што сум особено горд е дека за првпат делови од градот се чувствуваат како вистински дел од Скопје“, вели градоначалникот на главниот град и кандидат на СДСМ за нов мандат, Петре Шилегов, одговарајќи дали чувствува притисок откако премиерот Зоран Заев најави можна оставка ако СДСМ не победи во Скопје.

Тој вели дека е убеден дека граѓаните ги препознаваат стратешките политики.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Мицкоски, истакна дека денот, кога гласот на народот е најсилен и луѓето со својата волја зад параванот имаат моќ да ги менуваат работите и, како што рече, ништо не е невозможно, победата е на дофат а излезноста е клучот.

Оваа власт, нагласи Мицкоски ја чека пораз и ги повика граѓаните да покажат дека промените се можни.

„Не заборавајте дека зад параванот сте сами, вие и вашето неприкосновено право на глас. Излезете и гласајте за новата иднина, која ќе донесе подобри времиња за сите нас заедно“, изјави Мицкоски.

Арсовска, пак, им порача на скопјани дека времето на ветувања без реализација е завршено и дека, како што рече, време е вистински луѓе кои се грижат за својот град, да добијат шанса, да покажат дека Скопје може да биде убаво место за живеење како што заслужува секој еден граѓанин.