Уште два дена увид во Избирачкиот список и пријавување на дијаспората за гласање

од Берта Китинска
319 прегледи

Увидот во Избирачкиот список за гласањето на предвремените парламентарни избори на 12 април завршува утревечер на полноќ, а до вчера во подрачните оделенија и канцеларии на ДИК своите податоци ги провериле 7.526 граѓани. Дотогаш е отворена и можноста за проверка на податоците на избирачите, бришење или дополнување во Избирачкиот список.

Нема информација колку граѓани ги провериле своите податоци електронски преку апликацијата на веб страната на ДИК.

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд одлучува во рок од 24 часа од приемот.

Рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на македонските државјани за гласање на изборите на 12 април завршува исто така на 11 март на полноќ. До вчера за гласање во дијаспората се пријавиле 4.299 македонски државјани во странство.

Државната изборна комисија е должна во рок од пет дена (16 март) од денот на завршување на јавниот увид, Избирачкиот список да го достави до политичките партии. Партиите, пак, до 19 март доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци. ДИК по поднесеното барање одлучува со решение во рок од два дена од денот на приемот на барањето. Против решението на ДИК, политичката партија може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.

Она што е новина е што во Избирачкиот список од годинава ќе бидат ставени сите лица со 18 години на денот на изборите.

Во Роковникот на ДИК е предвидено, МВР во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид да достави листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по кој било основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК податоците за овие лица ги впишува во Избирачкиот список по службена должност.

Од ДИК нагласуваат дека на изборите ќе можат да гласаат само граѓаните со важечка лична карта и пасош. Во спротивно тие нема да можат да го остварат правото на глас.

До 17 март до ДИК треба да пристигнат и податоци за лицата од затворите, во притвор и во куќен притвор, како и од МТСП за лицата кои се пријавиле за гласање во установи за вонсемејно згрижување.

Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, отпечатен во вид на изводи, ДИК го заклучува најдоцна до 23 март. Заклучениот Избирачки список, ДИК го потпишува најдоцна на 2 април, односно десет дена пред одржувањето на изборите.

Слични содржини