Уште една пол-позиција за Леклер, чуден стартен редослед поради казни

од Vladimir Zorba

Возачот на Ферари, Шарл Леклер беше најбрз во Монца за време на саботните квалификации, па во недела ќе стартува од првата позиција на трката за Големата награда на Италија. Времето со кое стигна до осмиот пол во сезоната е 1:21.280.

Најбрз по Леклерк беше актуелниот шампион и лидер во генералниот пласман Макс Верстапен со заостанување од 0,145 секунди. Третото време го постигна тимскиот колега на Леклер, Карлос Саинц јуниор, откако заостана 0,268 секунди од лидерот.

Серхио Перез (Ред Бул), Луис Хамилтон (Мерцедес), Џорџ Расел (Мерцедес), Ландо Норис (Мекларен), Даниел Рикиардо (Мекларен), Пјер Гасли (Алфатаури) и Фернандо Алонсо (Алпин) ги комплетираа првите 10.

Сепак, за да се добие слика како ќе изгледа стартниот редослед во недела, треба да се земат предвид и казните кои многу возачи ги добија пред трката за Големата награда на Италија поради замената на погонските единици.

Верстапен е казнет со пет места, Перез со десет, а Хамилтон ќе стартува од последниот ред заедно со Јуки Цунода.

Поради ова, Расел ќе стартува втор во трката, иако беше шести во квалификациите. Ќе го следат Норис и Рикардо.

Шумахер, Магнусен, Строл, Фетел и Латифи ги завршија квалификациите во Q1. Во Q2 елиминирани беа Окон, Ботас, Де Вријс, Џоу и Цунода.

„Задоволен сум од мојот најдобар круг. Ова е одличен викенд за нас досега. Се надевам дека можеме да ја повториме 2019 година“, изјави Леклер по освојувањето на пол позицијата, кој три години претходно во Монца му ја донесе првата победа на Ферари по деветгодишен „пост“.

Верстапен има четири победи во низа во Ф1 шампионатот, а ќе се обиде да победи во славната Монца по последователните триумфи во Франција, Унгарија, Белгија и Холандија.

Во генералниот поредок Холанѓанецот има 310 бодови, дури 109 повеќе од Леклер и тимскиот колега Серхио Перез.

Слични содржини