Десетгодишно девојче се удавило во базен додека била на одмор со родителите во Неа Макри, Грција. Трагедијата се случила кога девојчето се нурнало во базенот за да извади маска за нуркање.
Лекарите се обиделе да ја реанимираат, но девојчето не можело да биде спасено.
Еден од лекарите кој се обидел да му помогне на девојчето рекол дека на детето му извадиле храна од устата додека се обидувале да ѝ го спасат животот.
„Најдов онесвестено дете. Јас и татко ми, кој исто така е лекар, се обидувавме да ја оживееме 20 минути. Се обидувавме да ја извлечеме содржината и од нејзиниот стомак“, вели докторот.
Несреќата се случила нешто по 18 часот во дворот на станбениот комплекс каде девојчето си играло со својата другарка.
Во дворот била и мајката на девојчето која ги ставала работите во автомобилот. Тој ден требало да се вратат во Атина, каде што живеат, пишува „Прототема“.
Ден претходно, нејзиниот брат близнак и татко ѝ се вратиле дома, додека таа останала со мајка ѝ.
Во еден момент девојчето останало само во базенот кога нејзината другарка на кратко отишла дома.
Кога останала сама, таа се нурнала во базенот за да ја земе маската, но од непозната причина отишла на дното на базенот каде останала повеќе од три минути.
Управителот на комплексот за медиумите изјавил дека ја слушнал нејзината другарка како вика помош и веднаш истрчал да ја спаси. Кога пристигнал, девојчето имало модринки по телото и тешко дишело. Двајца лекари кои живеат во тој станбен комплекс се обиделе да ја реанимираат, но безуспешно.
Нејзината мајка веднаш повикала брза помош која по десетина минути пристигнала на местото на настанот. Тие веднаш го пренеле девојчето во локалната болница во Неа Макра.
Според неофицијални информации, таа немала здравствени проблеми и била добра пливачка.