Канада ќе ги прекине летовите од Велика Британија и ќе им се придружи на бројни земји од Европа кои веќе го сториле тоа, а забраната стапи на сила во 6,00 часот по средноевропско време и ќе трае најмалку 72 часа, објави Си-Ен-Ен.
Канадскиот премиер Џастин Трудо ја потврди оваа вест на Твитер, велејќи дека се е направено за да се заштитат Канаѓаните низ целата земја од новиот вид на вирусот кој циркулира во југоисточна Англија и Лондон.
Канадската јавна здравствена служба соопшти дека иако се потребни повеќе информации за новиот вид на Ковид-19, „одлуката за прекинување на летовите од Велика Британија за комерцијални и приватни летови ќе важи 72 часа“.
Канада е само една од земјите кои ги прекинаа летовите со Велика Британија поради новиот вид коронавирус откриен во таа земја, кој се шири 70 проценти побрзо.
Откривањето на новиот вид на вирусот во Велика Британија и неговото брзо ширење, исплаши многу европски земји, кои веќе во неделата презедоа одредени мерки и донесоа одлуки за привремено прекинување на воздушниот сообраќај со Островот.
Особено загрижувачко беше предупредувањето од британскиот министер за здравство Мет Хенкок дека „новиот вид на вирусиот е надвор од контрола“, и само неколку часа откако премиерот Борис Џонсон објави дека божиќните шопинзи и собири на југот на Англија мора да бидат одложени поради новиот вид.
Забраната за воздушен сообраќај ја воведе Франција, која го запре сообраќајот на патиштата 48 часа, потоа Германија, Италија, Холандија, Белгија, кои го блокираа железничкиот сообраќај, како и Австрија, Ирска, Бугарија и Хрватска кои прогласија 48-часовен прекин на летовите кон Велика Британија.