Уште едно обвинение против Мерко: Незаконски поставил директорка на училиште

од Nikola Popovski
223 прегледи

Поднесено уште едно обвинение против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, овојпат за „Несовесно работење во службата“ од член 353-в став 1 од Кривичниот законик. Како што соопштија од струшкото Основно јавно обвинителство, обвинетиот, како службено лице – градоначалник на општината Струга,на 31.01.2022 година, свесно ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа.

Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот.

-Така обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси, стои во соопштението.

На почетокот на месецов, градоначалникот на Струга заработи обвинение во врска со набавката на луксузниот автомобил „ауди“.

-Поднесено е обвинение против Рамиз Мерко, по иницијатива на ДКСК, која стигна малку подоцна. Предистражната постапка беше макотрпна и конечно прибравме доволно докази. Обвинението се однесува на „злоупотреба на службена положба“ по однос на аудито, член 353 став 3 во врска со став 1, соопшти обвинителката на 1-ви март.

Претходното раководство на ДКСК подолго време работеше на контроверзната набавка на службени возила од страна на Мерко, кој, во време кога општината беше задолжена, потроши 114 илјади евра за набавка на 4 автомобили, меѓу кои беше и луксузниот „Ауди А6“ вреден скоро 67 илјади евра. Откако ДКСК поднесе иницијатива за кривично гонење на Мерко за злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата, таа го мина патот од скопското до струшкото обвинителство, за на крајот да заврши во обвинителството за организиран криминал, кое, по спроведена предистражна постапка, ја отфрли иницијативата.

Струшкиот градоначалник од лани се наоѓа на црната листа на САД и во моментов го има замрзнато своето членство во ДУИ.

Слични содржини