Вчера попладнето, двојно убиство во тетовски Челопек ја вознемири јавноста. Првичните информации говорат дека се убиени татко и син, а во нив пукал повозрасен маж кој исто така во инцидентот се здобил со повреди и итно е пренесен во Клиничката болница. Повредено е и уште едно лице.
„Станува збор за нерасчистени имотни односи во едно семејство. Тоа се првите сознанија кои ни ги пратија колегите од терен. Очекуваме наскоро да се заокружи целиот процес и да имаме детални информации за случајот“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Повредените и убиените се роднини, а мотивот на денешниот инцидент бил банален. Според мештаните на тетовското село Челопек, инцидентот настанал откако претходно настанала вербална расправија за паркинг простор.
Според првичните информации, повреден е и самиот осомничен, најверојатно од огнено оружје.
Полицијата и Јавното обвинителство вршат увид, а местото каде што се случил инцидентот бил под силно полициско обезбедување.