УСС-УКИМ: Вселување во студентски дом во Македонија трае повеќе од 12 часа

Најголеми гужви и проблеми се забележаа во студентските домови „Гоце Делчев" и „Пелагонија", каде што дел од студентите беа принудени да чекаат повеќе од 12 часа – од преземање на документи до добивање на соба – на температури над 25 степени.

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: Локално

Универзитетското студентско собрание на УКИМ со загриженост реагира на неповолните услови и недоволната организација при процесот на вселување во државните студентски домови, кој започна на 9 септември 2025 година.

Најголеми гужви и проблеми се забележаа во студентските домови „Гоце Делчев” и „Пелагонија”, каде што дел од студентите беа принудени да чекаат повеќе од 12 часа – од преземање на документи до добивање на соба – на температури над 25 степени.

„Студентите заслужуваат достоинствен прием и современи услови уште од првиот ден на нивниот престој во студентските домови.

УСС-УКИМ бара:

– Отворање на повеќе пултови за преземање на документи, за да се намали времето на чекање и да се обезбеди побрз прием.

– Поголем временски интервал меѓу објавувањето на конечните резултати и самиот почеток на вселувањето, за домовите да можат навремено да се подготват.

– Присуство и активен мониторинг од страна на Министерството за образование и наука на самото место, за да се гарантира правилна и фер распределба на собите.

– Дигитализација на процесот на вселување, со што би се намалило времето на чекање и би се вовеле современи стандарди во управувањето со домовите.

Како заклучок, Универзитетското студентско собрание на УКИМ е подготвено да предложи студенти кои би помогнале во целиот процес на вселување, а апелираме институциите да развијат соработка со факултетите, кои можат да понудат стручна поддршка за дигитализација на системот“, велат оттаму.