Уставен суд: Тезите дека „СДСМ преку Кацарска сака да ви го земе покачувањето“ се недозволиви и можат да создадат погрешна перцепција

Уставниот суд за обвинувањата од пратеникот Стојаноски: Прашањето на пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Принтскрин/МИА

Уставниот суд најостро ја осудува реториката основана на лаги и манипулации за предметот во кој се оценува уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во јавноста познат како „линеарно зголемување на пензиите”, велат од Уставниот суд преку соопштение по вчерашните обвинувања од пратеникот Бојан Стојаноски.

Оттаму порачуваат дека нападнати се интегритетот, самостојноста и независноста на судијата Добрила Кацарска како судија-известител, а истовремено и на Уставниот суд, преку јавното дисквалификување за постапувањето во последниот случај.

-Тезите дека „СДСМ преку Кацарска тргна во напад за укинување на зголемување на пензиите“ или „СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето“ се недозволиви и можат да создадат погрешна перцепција за работењето и постапувањето на Уставниот суд.

Информираме дека до Уставниот суд се поднесени 17 иницијативи од граѓани кои бараат преиспитување на членот 2 од Законските измени и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидско осигурување.

Јавните прозивки кон судијата-известител или кој било судија во корелација со партиски интереси претставуваат обид за поткопување на авторитетот на Уставниот суд. Судот ги носи одлуките со мнозинство гласови на судиите, а не со глас на еден судија. Свесното пласирање манипулации претставува притисок врз судијата-известител и врз целата институција и е опасен преседан во случај кога некоја одлука не им одговара на политичките субјекти се прогласува за „партиска“, стои во соопштението на Уставниот суд.

Според институцијата, јавното напаѓање на судии и шпекулативните говори претставува директен напад врз институцијата што го штити Уставот.

-Прашањето на пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание или вмешување во работата на Судот. Уставниот суд апелира политичарите да покажат високо ниво на уставно-правна култура, наместо да се служат со реторики на потпалување тензии и дискредитација на судиите, со што ја зголемуваат недовербата во системот и поттикнуваат институционална нестабилност.

Уставниот суд повторно нагласува дека останува непоколеблив и имун на секој притисок или обид за влијание, без разлика од кого доаѓа и со какви намери се упатува, порачуваат од Уставниот суд.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски изнесе обвинувања нагласувајќи дека преку судијката Кацарска, СДСМ врши опструкции со линеарното покачување на пензиите.

-СДСМ во минатиот мандат ја постави Добрила Кацарска во Уставниот суд, продолжената рака на СДСМ во Уставниот суд, уставната судијка поднела претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста за линеарното зголемување на пензиите. Сега кога некој дојде и им ја покачи пензијата на сите пензионери за 7.000 денари, Добрила Кацарска сега сама си поднесува претставка и сака да им ги земе на пензионерите овие покачувања. СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето на пензиите, изјави Стојаноски.