Уставен суд за Кацарска: Не постои случај да престане функцијата на уставен судија врз основа на остварување на старосна пензија

од Nikola Popovski
60 прегледи

По информацијата доставена до пратениците дека уставната судијка Добрила Кацарска исполнила услови за старосна пензија во јуни 2022 година, Уставниот суд денеска го донел заклучокот:

-Секој е должен да го почитува Уставот и законите. Членот 109, изменет со амандманот 15, јасно и прецизно ја уредура постапката и надлежните органи за предлагање и избор на судиите на Уставниот суд. Согласно членот 111 од Уставот, јасно се определени основите за престанок на функцијата на уставен судија. Единствен надлежен орган да одлучува за престанок на судија на Уставен суд е самиот Суд. Секое преземање на било какво дејствие надвор од уставно утврдените основи, претставува грубо прекршување на Устацот и упад во самостојноста на Уставниот суд. Во 60-годишното постоење на Уставниот суд, не постои случај да престане функцијата на уставен судија врз основа на остварување на старосна пензија, изјави денеска портпаролката на Уставниот суд на прес-конференција.

Кацарска судеше предмети на поранешото Специјално јавно обвинителство, ја донесе првата пресуда против поранешниот премиер, Никола Груевски, а за истиот предмет „Тенк“, поранешната министерка за внатреши работи, Гордана Јанкулоска издржуваше затворска казна.

Го судеше и еден од најголемите судски предмети, упадот во Собрание на 27 април 2017 година, за којшто имаше затворски казни над десет години. Потоа, Кацaрска од судија во Кривичниот суд беше избрана за уставен судија.

Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ критикуваше дека Кацарска била наградена за донесените пресуди со унапредување во Уставниот суд, а судството го нарекуваше „Кацарска и Русковска судство“.

Според Уставот, функцијата на уставен судија престанува во три случаи. Ако сам си поднесе оставка, а може да биде разрешен „ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција“.

Кацарска беше избрана за уставна судијка во ноември 2020 година, а во мај 2021 година беше избрана за претседателка на Уставниот суд. По завршувањето на тригодишниот мандат на нејзино место беше избран судијата Дарко Костадиновски.

Слични содржини