Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, денеска поднел пријава до Министерството за внатрешни работи, за упатени закани по животот и безбедноста на судии на Уставниот суд.
Пријавата е поднесена поради директно упатени закани кон судија односно судии поврзани со постапување по конкретен предмет од страна на Судот.
-Претседателот Костадиновски најостро ги осудува ваквите закани упатени до судиите, истакнувајќи дека во едно демократско општество, вакви и слични закани претставуваат напад врз интегритетот на Уставниот суд, но и директен притисок врз независното и самостојно одлучување на сите судии, информираа од Уставниот суд.
Поради сериозноста на упатените јавни закани и повици за насилство, Судот очекува надлежните органи професионално и навремено да ги превземат сите неопходни мерки и активности за расветлување на овој но и слични закани кон судиите.
„Трпам закани неколку години наназад. Нема недела да помине, а да немам некоја закана. Имав и физички напад. Бев физички нападната, но никогаш претходно не пријавував, сметав дека се работи за изолирани случаи“, рече Кацарска кон крајот на мај. Разврска на случаите се уште нема.
Уставниот суд веќе информираше дека Кацарска на 14 мај во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста откако на нејзиното приватно паркинг место во близина на нејзиното живеалиште во подземна гаража на зграда во Центар биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож. На 18 мај, пак, во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје непознато лице вербално и се заканувало на екс-претседателката на Уставниот суд по што интервенирало нејзиното обезбедување.