Уставниот суд ги отфрли сите иницијативи против „Безбеден град“

Мнозинството судии го прифатија извештајот на известителот судија дека не е нарушена уставноста ако пораките не се испратат на албански јазик бидејќи се почитува законот за употреба на јазиците

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: МВР

Уставните судии ги отфрлија сите иницијативи за испитување на уставноста на измените на Законот за прекршоци за системот „Безбеден град“. На седницата, уставните судии се поделија за испитување на уставноста на измените на законот за прекршоци во делот на пораки на албански јазик, поседување на мобилни телефони или емајлови, покриеност на целата територија и заштита на личните податоци.

Мнозинството судии го прифатија извештајот на известителот судија дека не е нарушена уставноста ако пораките не се испратат на албански јазик оти се почитува законот за употреба на јазиците. Секој има мобилен или интернет врска и системот по Скопје, Тетово и Куманово ќе се прошири низ целата држава.

Судијката известител Ана Павловска-Данева на почетокот на седницата рече дека смета оти иницијативите треба да бидат отфрлени.

–Во кривичната и во прекршочната постапка се гарантира употребата на јазикот што го зборуваат 20 проценти од населението. А во однос на обврската да се има мобилен телефон и електронска пошта, судот нема надлежност да се изјаснува во однос на примената на некој закон. Во 2021 година, уставните судии не поведоа постапка за проектот „Компјутер за секое дете“, кога беше оспорено тоа што секое дете немаше пристап до компјутер. Државата треба да обезбеди услови за тоа. Обврската да се има електронска адреса, на пример, во парнична постапка, произлегува од тоа да се забрзуваат постапките, објасни Павловска-Данева.

Судијката Добрила Кацарска го поддржа рефератот, но предложи законодавниот дом да го доуреди членот 48-г став 1, односно како прекршокот е констатиран електронски, а сопственикот не го управувал возилото, туку некој друг кого го знае, да не мора лично да дојде со лицето кое било зад воланот за да даде податоци, туку тоа да може да го стори по електронски пат и по телефон.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски го поддржа извештајот на Ана Павловска-Данева порачувајќи при дебатата дека нема никаква основа за поведување постапка по иницијативите.

Измените на Законот за прекршоците кои го отворија патот за старт на системот „Безбеден град“ беа донесени на 23 јануари годинава. Нив ги поддржаа 81 пратеник, додека 19 гласаа „против“. За носењето на измените не беше потребно Бадентерово мнозинство.