Уставниот суд денеска ја отфрли иницијативата со која се бараше поништување на Статутот и на Програмата на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов- Битола”.
По утврдената фактичка состојба произлезе дека здружението “Културен Центар Иван Михајлов Битола” е избришано од единствената база на податоци на Централниот регистар, односно не постои како правен субјект.
-Согласно овие информации Уставниот суд воочи процесни пречки за да одлучува по иницијативата и се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за да ја отфрли иницијативата, велат од Уставниот суд.
Подносителот партијата Левица бараше поништување на актите со наводи дека оспорените Статут и Програма се спротивни на членот 20 став 2 од Уставот затоа што според него се насочени кон разгорување на национална или верска омраза или нетреливост.
Централниот регистар го избриша клубот откако министерот за правда Кренар Лога го одби како неосновано барањето на бугарското здружение во Битола за употреба на името Иван Михајлов во својот назив.
Бугарските клубови „Иван (Ванчо) Михајлов“ од Битола и „Цар Борис Трети“ од Охрид заклучно со 16 февруари годинава требаше да поднесат барање до Централниот регистар за смена на своите имиња, согласно измените во Законот за фондации и здруженија.
Законските измени, според кои овие два клуба требаше да поднесат барање за смена на своите имиња, предвидуваат забрана граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл.