Уставниот суд ја отфрли иницијативата на претходната влада за стадионот во Тетово

од Nikola Popovski
65 прегледи

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на претходната влада за оценување на уставноста и законитоста на постапките во врска со изградбата на стадионот во Тетово, за што во текот на месец мај ѝ наложи на општина Тетово да ги прекине работите.

Иницијативата беше поднесена со образложение дека општина Тетово го отстапила стадионот под управување ЈП „Тетово транспорт“.

Активностите за изградба на Стадионот почнаа во април, додека според предупредувањата проектот кој општината ќе ја чини 10 милиони евра треба да биде готов за три години.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши денес порача дека вчерашната одлука на Уставниот суд докажала дека нема неправилности во изградбата на стадионот. Дурмиши нагласи дека работите се во почетна фаза и дека ќе продолжат.

-Уставниот суд уште еднаш го потврди она што ние имавме право да го започнеме. Работите ќе продолжат, изјави министерот.

Претходната техничка влада на чело со техничкиот премиер Талат Џафери, во разгледувањето, ја имаше предвид иницијативата до Уставниот суд, за оценување на уставноста и законитоста на постапките поврзани со Стадионот, а каде е посочено дека Новиот фудбалски стадион, со владина одлука во 2015 година, е даден на трајно користење, без надомест на Општина Тетово. Општината, како што е наведено, без законски основ, го дала Стадионот на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“. Дури, градоначалникот на Општина Тетово, Општина Тетово и ЈП „Тетово транспорт“, на јавен настан промовирале проект за рушење и изградба нов градски стадион.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами пред почетокот на изборната кампања, ја најави изградбата на нов фудбалски стадион во Тетово на местото на постојниот и веднаш започна со негово рушење. На оваа негова активност дојде реакција од Даријан Сотировски, се уште актуелен директор на Комисијата за односи со верските заедници. Сотировски информира дека поднел Иницијатива за оценување на уставност и законитост на спорната Одлука на Советот на Општина Тетово до Уставниот суд на 26.04.2024 година.

Во април тој поднесе и претставка до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација, против Општина Тетово и градоначалникот поради настанот кој беше организиран од локалната власт со цел да се презентира идејата за реконструкција на градскиот стадион на која имаше ревијален натпревар и настап на музичари. Таму обраложи дека жителите со македонска национална припадност биле дискриминирани по основ на потекло, национална припадност и јазик.

Во ноември 2023 година, Општина Тетово преку јавното претпријатие „Тетово Транспорт“, кое долг период е во загуба, распиша тендер за изградба на стадионот, по што се склучи и договорот со фирмата во март 2024 година.

Слични содржини