Уставниот суд му даде шанса на Собранието – доколку не се корегира, ќе се поништат или укинат измените на Кривичниот законик

од Nikola Popovski
58 прегледи

Иницијативата за преиспитување на уставноста на измените во Кривичниот законик, по чие донесување многу дела застареа, се најде пред уставните судии. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски информираше дека поведена е постапка за уставноста на измените. Изразен е сериозен сомнеж за уставноста на оспорениот закон во целина и му наложи на Собранието да ги направи неопходните измени и да се усогласи со аргументите на Уставниот суд.

-Слушнавме аргументи дека сите сме свесни за нашата општествена реалност во која живееме и во која сметам дека имаме дефицит на одговорност, суфицит на неказнивост и пандемиски размери на корупција и злоупотреба на јавните функции. Собранието морало да води грижа кога ја креирало казнената политика. Му даваме уште една шанса на Собранието да се корегира. Тоа претставува уставна санкција, но за да не настанат штетни последици во судскиот систем, се одлучивме за шанса на Собранието во рок од шест месеци. Доколку не се случи тоа, ќе следи укинувачка или поништувачка одлука. Тоа ќе зависи од одлуката на судовите и судиите како ќе ја утврдат тежината на уставната повреда за слободата на правата на човекот, рече Костадиновски на прес-конференција по одлуката на уставните судии.

Костадиновски беше дециден дека овие законски измени нанесоа непоправлива штета по правниот поредок.

-Предметот бил добиен во декември и веднаш бил ставен на седница. Уставниот суд треба да биде побрз кога ќе увиди дека е донесен закон, од кого ќе настапат штетни последици и дека треба да се одлучува во итна постапка, порача главниот уставен судија.

Последните отворени истраги за корупциски случаи од висок профил, ги вратија во јавноста пресметките – каква казна би им била запретена на сторителите доколку не беа усвоени спорните измени на Кривичниот законик од 6-ти септември 2023 година. Со тие измени дел од дотогаш предвидените санкции се стопија, а брзината за застарување на предметите се зголеми. Се намалија затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, се избришаа членови кои предвидуваа казни за злоупотреба на јавни набавки и оштетување на буџетот, пониски казни се предвидоа за делото злосторничко здружување.

Слични содржини