Уставниот суд во поход за спас на поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ

од Aleksandar Todeski
505 прегледи

Деветмината уставни судии наидоа на гласна критика од јавноста откако на две последователни седници донесоа контроверзни одлуки да разгледуваат Закони со кои од одговорност би се спасиле поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, обвинети и осомничени во случаите кои произлегоа од незаконски прислушуваните разговори.

На 13. ноември, Уставниот суд на седницата како прва точка ја разгледуваше иницијативата на адвокатот Еленко Миланов за оценување на уставноста и законитоста на Член 353 став 5 од Кривичниот законик, за злоупотреба на службената положба на функционерите, каде наместо да се разгледува тоа, уставните судии со високи тонови разговарале за висината на казната, што според експертите не е нивна надлежност.

Четворица уставни судии обидувајќи се да ги спасат дел од обвинетите од СЈО рекоа дека вината треба да ја сносат членовите на комисиите за јавни набавки, без оглед на фактот што одлуките за јавни набавки ги носат министрите, а комисиите само даваат предлог за избор на најповолен понудувач.

Пред три дена пак, на 27. ноември, уставните судии ја разледуваа иницијативата за Законот за помилување, со што ќе се даде можност повторно да се активира контроверзното помилување на Ѓорге Иванов, кој во 2016 година преку тоа се обиде да ги спаси од прогон сопартијците.

Шестмина од девет уставни судии се изјаснија дека еднаш донесена, одлуката за помилување не може никогаш да биде повлечена. Наспроти нив, поранешниот пратеник Насер Збиери вчера за Локално изјави дека помилувањата уште при носењето биле незаконски, бидејќи се базираат на член од Законот за помилување кој е укинат во 2009 година.

На овие очигледни чекори на уставни судии, предизборно да спасат дел или сите обвинети од случаите кои ги отвори Специјлното јавно обвинителство реагираше власта. Министерката за правда, Рената Дескоска уште при одлучувањето на Уставниот суд за членот 353 од Кривичниот законик потсети дека обврска на уставните судии е да ценат Уставност, а не казнена политика дали е добра или не. За Законот за помилување пак, таа побара автентично мислење од Собранието, со што би се спречила контроверзна одлука на Уставниот суд.

Конечни одлуки и за двете иницијативи нема. Уставниот суд ја одложи расправата за Член 353 став 5 од Кривичниот законик, а не донесе ниту одлука за Законот за помилување.

На дневен ред пред уставните судии во среда ќе се најде и Законот за амнестија со кој од кривичен прогон се ослободија голем дел од обвинетите за крвавиот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Меѓу оние за кои сопре судењето беа пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, како и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Владо Јовановски и Богдан Илиевски.

 

Александар Тодески

Слични содржини