Уставните измени се единствен услов за Втората конференција со Брисел, вжештената реторика Софија-Скопје не влијае на процесот

од Nikola Popovski

Поради вжештената политичка клима во Софија, изминатиов период сведочевме на злоупотреба на билатералните односи, кои од одредени структури се користи за добивање дневнопартиски поени. Од провокациите при чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев, па се до случајот „Пендиков“, и покрај остриот тон и реакциите од Бугарија овие прашања воопшто не беа засегнати од страна на Брисел и Европската Унија во ниту еден момент не истакна дека тие на било каков влијаат на стартот на Втората меѓувладина конференција. Токму затоа и овој одговор на премиерот кој дискурсот на Бугарија кон Македонија го спореди со оној на Русија кон Украина не создаде клима на поддршка кај европските партнери кон Софија, туку напротив кон Скопје.

Дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи кон Украина и неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели особено во овој клучен период за иднината на Европа, кажа на Самитот на Советот на Европа премиерот Ковачевски.

Инаку, голем број официјални претставници на Унијата и државници од земјите-членки изминатиов период и од Скопје и од Брисел повторија дека единствен услов за отворањето на преговарачките поглавја се уставните измени и сега топката е во наши раце.

Во Бугарија се уште траат превирањата за формирање стабилна политичка Влада, откако државата беше исправена пред петти парламентарни избори во рок од две години. Единствено седум месеци Бугарија имаше политичка Влада во овој период и тоа предводена од проевропскиот политичар Кирил Петков. Во меѓувреме, сите технички премиери и министри ги назначува претседателот на државата, односно Румен Радев. До формирањето на стабилна власт се очекува и понатаму да продолжат провокациите од Софија кон земјава, особено доколку пропадне и најновиот мандат за Влада, па да се донесе одлука за одење на шести предвремени парламентарни избори. Особено за време на предизборието, кај соседите главна тема станува прашањето за Македонија, кои одредени националистички структури го користат во секојдневната реторика. Дека постои премногу остар тон од страна на Софија кон Скопје неодамна изјави и амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер.

-Апсолутно е точно дека од Софија и од други слушнавме многу агресивен јазик што, искрено не е заснован на факти за ситуацијата овде, во Северна Македонија. Имам голема среќа што сум амбасадор на САД во Северна Македонија и што сум овде, во Скопје, и не сум во Софија, но важно е и навистина верувам во ова, дека лидерите и граѓаните, не оние кои се најгласните во моментов, народот на оваа земја, а и народот на Бугарија, ги препознава придобивките од тоа да се има сосед, многу близок сосед кој е исто така во ЕУ, кажа неодамна амбсадорката Агелер во интервју за МИА.

Заострениот тон на премиерот Димитар Ковачевски кон одредени претставници на официјална Софија воопшто не го поткопува европскиот пат на земјава и обврските кои Македонија ги презема со преговарачката рамка за текот на преговарачкиот процес. Дел од јавноста веднаш изреагира дека одговорот на премиерот кон провокациите кои континуирано пристигнуваат од бугарскиот претседател Румен Радев, но и неговата заменичка Илијана Јотова, се коси со туркањето на процесот за уставните измени и процесот на зачленување. Токму уставните измени се единствениот елемент, после чие исполнување автоматски би се реализирала Втората меѓувладина конференција меѓу Скопје и Брисел, што впрочем и го пишува во преговарачката рамка. Па оттаму, вака поставената дилема не може да поистоветува со европскиот пат на земјата, како и исполнувањето на обврските кои се преземени пред Европската Унија, бидејќи ваквиот одговор кон провокациите останува на ниво на билатерални прашања, кои воопшто не се поставени како било каков критериум во делот на отворањето на преговарачките поглавја.

Неколку пати претставниците на власта истакнаа дека откако се усвои преговарачката рамка сега Скопје преговара со Брисел, а не со Софија. Дури и самиот Румен Радев истакна дека бугарското вето е на сила, бидејќи се уште не е изменет Уставот во Северна Македонија, но користејќи ја таа реторика за домашни потреби, очигледно изостава да спомене дека критериумот за уставните измени е веќе усогласен со сите 27 земји-членки на Унијата, а евентуалното вето на процесот останува единствено во рацете на домашните пратеници.

Власта постојано повикува на исполнување на критериумите усогласени со Брисел, односно обединување на проевропски блок кој ќе даде поддршка за уставните измени. Со уставните измени државата се согласи да ги вметне Бугарите, а дополнително и Хрватите и Црногорците во Уставот, за што веќе е формирана работна група и се очекува летово предлог-измените да влезат во собраниска процедура.

Инаку, во гостувањето во емисијата „Детектор“, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ истакна дека постојат структури кои не сакаат го видат Западен Балкан како дел од Европската Унија. Тој исто така појасни и дека структури и од Скопје и од Софија навиваат да пропадне процесот на уставните измени кој е единствен услов за продолжување кон европскиот пат. Напорите на домашната власт за време на преговорите околу европскиот предлог од кој произлезе и текстот на преговарачката рамка вродија со плод за најважните и најчувствителни прашања. Скопје избоксува заштита на македонскиот јазик, кој соседите го оспоруваа и наспроти барањата на Софија, а работата на Мешовитата историска комисија не е поставена како критериум во преговарачкиот процес. Во меѓувреме, веќе неполна година тече скрининг процесот за усогласеноста на македонското со европското законодавство, а од Брисел пристигнуваат позитивни вести за текот на оваа фаза, додавајќи дека македонскиот преговарачки тим е одлично подготвен и е на ниво на задачата.

Слични содржини