Официјален Брисел во изминатите два дена испрати порака дека сака да го забрза приклучувањето на регионов во ЕУ, и ќе се подготви за ново проширување кое мора да се заснова на заслуги. На самитот беше потврдено дека отворање на поглавја со Македонија е можно само ако има промени на Уставот. -Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени, се наведува во синоќа усвоените заклучоци за процесот на проширување на Самитот на ЕУ. Премиерот Димитар Ковачевски директно го впери прстот во, како што рече, виновниците зошто на земјава вчера ѝ повтори самитот во Букурешт од 2008 година, кога поради грчкото вето Македонија не стана дел од НАТО Алијансата. -Единствена причина зошто не почнавме со отворање на поглавја е неисполнувањето на условот од преговарачката рамка за уставни измени, изјави премиерот Ковачевски во Брисел. Смета дека не треба да се испушти и оваа шанса што ни е дадена за усвојување уставни измени до изборите. Нагласи дека оваа работна посета на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку. На иста бранова должина се и од ДУИ, од каде што порачаа дека не се откажуваат. Пратеникот од партијата, Арбер Адеми изрази оптимизам дека уставните измени ќе се случат. Тој дури вели дека за да се реализираат, има време до изборите на 8 мај 2024 година.
Дел од експертската јавност е со сличен став. Новинарот и поранешниот член на Комисијата за лустрација, Даут Даути истакнува дека можат многу нешта да се случат до почетокот на техничката влада, па, како што вели, нормално е да се бориш до крај за да ја оствариш поставената цел. Во разговор за „Локално“ порачува дека ако таа цел е стратешка определба, бидејќи за цел ја има интеграцијата на земјата во ЕУ, „ДУИ и коалициските партнери со право може да се надеваат дека е можно да се изведат уставните измени во последен момент, иако, тоа изгледа нереално ако имаме предвид колку време е потрошено досега во убедување на непопустливата опозиција“.
-Иако опозицијата има своите причини да не ги поддржува уставните измени, кога би стигнале некакви гаранција дека Бугарија нема да поставува нови услови, којзнае, можеби би паднал некаков договор. Секако мора да се каже дека однесувањето на нашиот источен сосед и не било баш примерно во однос на Договорот за соработка и добрососедство што го потпишале бившите премиери Заев и Борисов, но повластената позиција во рамките на ЕУ како земја членка, им дава такво „право“, и тука, покрај сите обиди на другите земји, ништо не се променило, посочува Даути.
Сепак, соговорникот е дециден дека се пропушта една шанса која не би смеела.
-Поради овој спор со Бугарија, ЕУ ќе ги одвои од истиот пакет Албанија и Македонија, секоја да си го изоди одделно својот пат, што е праведно за Албанија за да не биде заложник на хировите на Бугарија кон Македонија, но од друга страна, лошо е да бидеме оставени сами и во недоглед да талкаме. Можеби ни треба нам внатрешна дебата, без политичка обременост колку добиваме и колку губиме со внесувањето на Бугарите во Уставот. Можеби тука извесна реципрочност со позицијата на Македонците во Бугарија би била спасот за излез од ќорсокак, но нејзината хегемона позиција ја знаеме, и таму на оваа прашање има доста исполитизираност, посочува новинарот.
За тоа дали е ова последна шанса и што може да се очекува во мандатот на техничката влада во однос на измените на Уставот, Даути смета дека се зависи од партиите и нивните калкулации.
-ДУИ со евроатлантската определба, има јаки аргументи да докажат како се бори за интересите на државата, и тука тие ја имаат и поддршката на СДСМ и коалицијата. Да не е дискурсот на опозицијата дека ДУИ одлучува за македонските интереси, што е далеку од вистината, бидејќи ДУИ нема таква „нумеричка“ сила да ги узурпира интересите на мнозинството. Можеби власта и опозицијата би се нашле во заедничките цели, кои не се спорни декларативно, за влез во ЕУ, и со тоа да направат компромис. Ако опозицијата се чувствува силна за претстојните избори, кои патем кажано, се и по нивна волја, затоа што се малку подранети, најдобро е да им си остави на своите пратеници да си оценат по нивна волја и совест, и во овој претстоен период, да помогнат за изгласување уставни промени. Од тактични план, за ВМРО е многу подобро измените да се изгласаат сега, одошто врелиот костен да им остане по изборите токму нив, без некои шанси да сменат нешто во односите со Бугарија. А натегањето и политичкото калкулантство, не би било во интерес на земјата. Ние имаме искуство на „непопустливост“ кон Грција, кое траеше со децении, а компромисот со нив, доведе до прием на земјата во НАТО, а реално гледано, не беше загрозен националниот идентитет, подвлекува новинарот.
Евидентно е дека пратениците не можат да се откажат од уставните измени, затоа што станува збор за обврска земјава согласно преговарачката рамка. Според поранешната пратеничка Никица Корубин, тоа воопшто не е прашање на волја, туку на обврска која мора да се спроведе, и тука дилема нема.
-Ставот на опозицијата е всушност став на партијата, зарем не, исто како што ставот на ДУИ е став на партијата, а нам ни треба ставот на пратениците, каде што станува збор за индивидуални одлуки, кои одлучуваат да ја блокираат или не сопствената држава. Точка ќе биде ставена кога ќе бидат изгласани, а за тоа овој состав има таман време колку што е потребно, анализира Корубин за „Локално“.
Потенцира дека ќе имаме датум за Втората меѓувладина конференција по автоматизам, без било каква дополнителна политичка одлука, со што стартуваме со првиот кластер на поглавјата, но тоа апсолутно и недвосмислено се зависи од нас самите.
-Ова е последна шанса за Северна Македонија да стане нормална, функционална и европска држава, преку реформа преку преговарачкиот процес. Тоа е клучната поента. Уставните измени се само појавниот, видлив услов. Клучни се неминовните, системски и суштински реформи кои потоа следат. Тоа се избегнува цело време, оценува поранешната пратеничка.
Околу Самитот ЕУ-Западен Балкан, порачува Корубин, е повеќе симболичен чин на одржување на заложбата на ЕУ за прием на земјите од т.н. Западен Балкан во ЕУ, иако доаѓа со конкретна финансиска помош.
-Одлуката за нас и за сите кандидати ќе биде донесена на Советот на ЕУ, а таа е веќе јасна и тука стоиме најповолно во моментов од сите други кандидати, после завршениот скрининг процес. И навистина е лудост во таква ситуација, самите да се блокираме или антидржавно постапување. Веројатно во таа насока е пораката на премиерот, и паралелата што ја прави со Букурешт 2008 година, со напомена дека, Букурешт беше резултат на заедничко нерешавање на проблемот со името, на разни влади од двете страни на спектарот, лево и десно. Искрено се надевам, дека тоа не е случај и сега. Историјата може да се повтори, само ако не ја познаваме, не ја разбираме или игнорираме. Бидејќи ја познаваме, а верувам после сите меѓународни договори и ја разбираме, тогаш останува игнорирањето,а тоа се сведува на чиста злонамерност или со политички речник, намера, рече соговорничката.
Македонија требаше да биде дел од НАТО уште во 2008 година
Албанија и Хрватска на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година добија покани за членство во алијансата додека Македонија извиси заради грчкото вето. Американскиот претседател Џорџ Буш кој силно ја поддржуваше Македонија, по неуспехот во Букурешт изјави дека земјава за САД веќе е членка на Алијансата и дека проблемот со името може да се реши. Како еден вид привремена компензација САД потпиша специјален билатерален договор со Македонија со кој ја гарантираат безбедноста на земјата. САД ја охрабруваше Македонија да продолжи на патот на реформите и да го реши проблемот со името со Грција во што тие ќе помогнат. По промената на името и потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, земјава на 27 март 2020 година стана 30 членка на Северно атлантската Алијанса.
Н.П.