Амбасадорот на Македонија во Словенија, Горан Милевски информира дека вчерашниот ден го поминал во Државниот збор на Словенија, кој ги усвои измените на Законот за возачи, со кои измени се овозможи македонските државјани кои имаат престој во Словенија, во рок од 1 година да ги заменат македонските возачки дозволи со словенечки, без да полагаат практичен дел.
Сите останати, кои ја започнале постапката или се подолго од 1 година во Словенија, ќе мора да ги завршат постапките, согласно старите одредби на законот.
Ова значи признавање на македонските возачки дозволи, без дополнителни бирократски процедури за проверка на знаењето, за сите кои се нови доселеници во Словенија.
Со воведувањето на оваа мерка, Словенија очекува да го поедностави процесот на вработување во логистичкиот, градежниот, индустрискиот и услужниот сектор. Работниците што доаѓаат од Македонија и регионот повеќе нема да бидат принудени да полагаат дополнителни тестови, што честопати предизвикуваше финансиски и административни пречки.