Собранието денеска ја усвои Предлог-ослуката за препраспределба на средства во Буџетот за 2023 година. Со Одлуката се прераспределуваат 18,2 милиони за исплата на повисоките плати, зголемени пензии, регрес за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор, социјални права, субвенции за земјоделци, за здравствена заштита, односно лекот „Трикафта” и мерачи за лицата со дијабет, како и средства за нов пакет антикризни мерки.
„Со Одлуката вршиме реалокација на средства во интерес на социјалниот аспект, односно главните реалокации се токму во насока на поддршка на граѓаните и стандардот – покачување на платите во јавниот сектор за 10% и обезбедување на К-15 согласно Одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор, пораст на пензиите за околу 6% согласно воспоставеното системско решение, зголемување на средствата за социјални трансфери, субвенции за земјоделците, поддршка на домашните и странските компании и обезбедување средства за деветтиот пакет на антикризни мерки. Нашата цел е поддршка за граѓаните, за што е можно повеќе да ги олесниме ценовните притисоци, а истовремено да ја задржиме и развојната компонента на Буџетот, со повисоко ниво на планирани капитални инвестиции во однос на буџетскиот дефицит. На ваков начин продолжуваме со стратегијата за заздравување на економијата пред се, преку заштита на стандардот на граѓаните, а понатаму и преку забрзување на економскиот раст”, рече министерот за финансии Фатмир Бесими при образложување на предлогот во Собранието.
Министерот потенцираше дека со Одлуката се врши реалокација на 18,2 милијарди денари кои се обезбедени по основ на заштеди од помалку реализираните расходи кај одредени буџетски корисници, како и со дополнително обезбедените средства по основ на КАПЕФ механизмот и дека со ова се обезбедува сигурна ликвидност во Буџетот и сервисирање на обврските.
Со Предлог-одлуката за исплата на зголемувањето на платите на вработените во јавниот сектор за 10% и исплата на регрес за годишен одмор во висина од 10.000 денари се обезбедени 4,25 милијарди денари, за пораст на пензиите за околу 6% за 336 илјади пензионери почнувајќи од месец септември 2023 година 3,5 милијарди денари, 1,81 милијарда денари за државна помош за компании и тоа: за домашни компании 581 милион денари, за странски компании 200 милиони денари и за компании и инфраструктурно уредување во ТИРЗ зоните 300 милиони денари, 800 милиони денари се наменети за земјоделски субвенции, пред се за субвенции за млеко, сточарско производство, како и за авансно финансирање на земјоделците за растително и сточарско производство, 650 милиони денари за исплата на МОЈ ДДВ за третиот квартал заради зголемувањето на лимитот на повратот, 600 милиони денари за исплата на социјалните права за 36.000 корисници на гарантирана минимална помош, 290 милиони денари се наменети за исплата на студентски оброк за 29.000 корисници, стипендии за 6.900 студенти и 9.600 ученици, 200 милиони денари за редовно сервисирање на породилните боледувања, 166 милиони денари за превод, печатење и откуп на учебници за основно и средно образование, 110 милиони денари за справување со Африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот „Трикафта” за 55 пациенти, како и 20 милиони денари за дигитални сензори за мерење на шеќерна болест.
Со одлуката, исто така се алоцирани, 4,55 милијарди денари во Програмата П1 средства наменети за антиркизни мерки за справување со кризата.
Министерот посочи дека со ваквата прераспределба не се отфрла ниту еден капитален проект и дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, кој пак останува на исто ниво во номинален износ, со што се покажува посветеноста кон постепена фискална консолидација.
Собранието го усвои и Предлог-законот за измени на Законот за извршување буџет.