Пред Собранието вечерва заврши шестиот последователен протест против францускиот предлог за преговарачката рамка на Македонија со ЕУ. Активностите продолжуваат утре со блокади низ државата, а протест повторно е најавен за в недела во 19 часот.
На протестот, кој заврши мирно и без инциденти, се бараа оставки од Владата која, како што рекоа учесниците, ја доставила срамната преговарачка рамка до Собранието.
-Нашата последна црвена линија е Уставот, рече Ивица Боцевски, кој се обрати на собирот, порачувајќи им на лидерите на опозициските партии дека тие се последниот бедем на македонскиот народ и државност, а собраниот народ на протестот ќе биде нивна заштита и ќе ги поддржи да опстојат за да нема никаква промена на Уставот која ќе ги земе предвид бугарските барања.
-На четири места, во Скопје пред Владата, како и блокирање на магистралните патишта Штип Велес, Струмица Радовиш и Плетвар Прилеп, стои во соопштението на организаторите на протестот „Ултиматум – Не Благодарам“.
Блокадите се најавени од 13 до 14 часот.
Во сабота, како што наведуваат, во знак на почит на сограѓаните муслимани кои чествуваат празник ќе нема протести.
-Продолжуваме масовно со протестирање во Скопје, недела во 19 часот пред Влада, посочуваат оттаму.