Утре ќе биде погребан актерот и режисер Ѓоргиев, комеморација во вторник во МНТ

од Nikola Popovski
335 прегледи

Македонскиот народен театар денеска извести дека покојниот актер и драмски режисер Трајче Ѓоргиев ќе биде погребан утре попладне на градските гробишта Бутел.

-Од 14:00 до 15:00 часот ќе го испратиме кон вечниот дом во капелата на градските гробишта Бутел, а комеморацијата на која семејството, блиските пријатели, колеги и познаници ќе му оддадат почит, ќе се оддржи во вторник на 6 јуни во Македонскиот народен театар во 12:00 часот, информираа од МНТ.

Веста за неговата смрт пристигна вчера, а во соопштението од Македонски народен театар беа споменати сите негови животни достигнувања по кои ќе остане запаметен.

Дел е од МНТ повеќе од триесет години – започнувајќи од првата улога како Акаст во „Мизантроп“ (1989), преку вработувањето во 1998 г. до големиот број на оддиграни улоги. Во 2005 година ја режира и игра во петте пантомими за една глумечка претстава „Човекот” од Марсел Марсо и со неа се стекнува со титулата магистер по пантомима, на Академијата за театар и филм „НАТФИЗ” во Софија, Бугарија. Дел е и од „Театар за пантомима“, летна школа на Кенјон колеџ, Гамбир, Охајо, 2008 г., а посетува и едногодишни специјалистички студии по пантомима во класата на проф. д-р Александар Илиев, на „НАТФИЗ“, 2005 – 2006 г.

Основач е и главен двигател на ПАНФИЗ, меѓународниот фестивал за пантомима и физички театар, фестивал кој 16 години опстојува, ја анимира публиката, го поддржува и оддржува овој жанр во театарската уметност и ги донесе кај нас некои од најдобрите светски пантомимичари.

За својата долгогодишна и исполнета кариера добитник е на Гран при за најдобра претстава и најдобра режија на ДАФ, Кочани за претставата „Кралот Иби“ во 1991 г., Гран при на ДАФ, Кочани, за претставите „Настојник“ во 1996 г., „Домот на Бернарда Алба“ во 1998 г., „Јане Задрогаз“ во 1999 г. и „Најкратки драми на светот“ во 2003 г. Во 2006 година е добитник на две големи награди за претставата „Човекот“ – награда за најдобра сценска игра на фестивалот „Златен рис“ во Бања Лука и наградата на директорите на фестивалот на Меѓународниот фестивал во Габрово, Бугарија.

Слични содржини