Oгласот за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе биде објавен утре, соопшти денеска Собранието. Според законот, огласот треба да биде објавен во Службен весник и во два печатени медиума.
Како што се наведува во информацијата од Собранието, рокот за пријавување ќе трае 10 дена, а понатамошните фази од постапката ќе се спроведат согласно роковите и процедурите утврдени во член 12 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Престанокот на функцијата на првиот човек на антикорупциска согласно Законот за спречување на корупција престанува пред истекот на мандатот во случај да поднесе оставка, трајно ја губи способноста за вршење на функцијата што го утврдува Собранието или ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело безусловна казна затвор од најмалку шест месеци. Престанокот на функцијата член или претседател на ДКСК го констатира Собранието.
Собранието во петокот донесе Предлог на одлука за објавување на јавен оглас за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата откако сега веќе поранешната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинувањата на Обвинителството за гонење организиран криминал и обвиненијата за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.