Утре нов „Марш на ангелите“, пораката на родителите е „за вистинска правда и за Македонија со совест“

Семејствата на загинатите од Кочани порачуваат дека е важно да се покаже дека општеството не молчи пред неправдата и дека постои народ кој не се откажува од вистината

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Во сабота ќе се организира нов „Марш на ангелите“ во Кочани. Маршот ќе започне во 14:05 часот од Паркот на револуцијата во Кочани, со порака да се чекори „со љубов, со болка и со достоинство – во име на оние кои повеќе не можат да чекорат“.

Организаторите истакнуваат дека ова не е протест, туку мирен марш чија цел е да се укаже на потребата од правично судење и да се потсети дека зад секој број и секој предмет стои вистински човечки живот, семејство и болка која не избледува.

„Нашата порака е јасна и искрена: За нашите деца. За вистинска правда. За Македонија со совест“, се наведува во повикот.

Тие додаваат дека е важно да се покаже дека општеството не молчи пред неправдата и дека постои народ кој не се откажува од вистината.

На последниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите порачаа дека се свесни оти патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, нагласуваат, ако се пронајде заедничката точка на сплотување и сите застанат еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот.

Судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а беа повредени околу 200, започна на 19 ноември во судницата на КПУ Идризово. Случајот опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица. Следното рочиште е закажано за 2 декември.

Слични содржини