Утре, 17 јануари 2022 година (понеделник) со почеток во 09:00 часот во Владата на Република Северна Македонија ќе се случи примопредавање на функцијата и кабинет помеѓу досегашниот премиер Зоран Заев и новоизбраниот премиер.
Новиот мандатар Димитар Ковачевски пред пратениците сподели дека клучна цел на економската политика на новата Влада ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5%, на 5% просечен раст.
Ова ќе го постигнеме преку зголемувањето на домашните и странските инвестиции, инвестиции во јавни и приватни проекти, како и значајно зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции, посочи Ковачевски.
Во своето експозе пред пратениците, Ковачевски нагласи дека „уште на почетокот на мандатот, Владата ќе направи интервентен план за поддршка на населението и стопанството за справување со последниците од енергетската криза“. Ова, според мандатарот, ќе биде направено со цел „ублажување на негативните ефекти врз цените и заштита на граѓаните од ценовни шокови“.