Утре под мотото „Сите сме Јана“ ќе се одржи протест за прераната смрт на 6- годишната Јана Христовска од битолско Кравари која почина во Битолската клиничка болница по примена инфузија.
Протестот е закажан за 19 часот на плоштадот „Магнолија“, а организатори се семејството, роднините и пријатели на трагично починатото девојче.
Според објавите на социјалните мрежи целта на протестот е да се насочи вниманието за состојбите во македонското здравство, вината да не се насочува кон родителите, туку одговорноста да се бара на вистинското место.
Семејството Христовски не е задоволно од извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој соопшти дека нема грешки во лекувањето на Јана и дека без оглед на примената инфузија и високиот шеќер во крвта, Јана починала од застој на срцето.