Утре се исцртува новото мнозинство во Собранието

од Nikola Popovski

За утре е закажана конститутивната седница на Собранието на која ќе се верификуваат мандатите на новиот собраниски состав. Според Деловникот за работа, со неа ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџаку. Извесно е дека во фотелјите ќе седнат 119-те народни избраници што ги добија уверенијата. Ако нема поместувања по добиени приговори до ДИК, по прегласувањето нема да настанат промени во пратеничките места.

Оваа прва седница на новоизбраните пратеници може да трае до три дена, по што се врши и избор на претседател на Собранието. На тој начин се исцртува и новото мнозинство во Собранието, за што се потребни 61 пратеник од вкупно 120 пратенички мандати.

По прегласувањето на дел од избирачките места, Државната изборна комисија ги објави и првичните променети резултати, според кои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има 58 пратеници, ВЛЕН има 14 пратеници, СДСМ со 18 мандати и коалицијата предводена од ДУИ исто така 18 мандати. ЗНАМ на Максим Димитриевски и Левица имаат по 6 пратенички мандати. Се уште ќе се расправа по приговорот на ДУИ за избирачкото место во Желино.

За парламентарни избори, Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие.

Слични содржини