Со светски познатиот пијанистот Симон Трпчевски и еден од најдобрите диригенти во светот, Русинот Владимир Ашкенази, свечено ќе биде отворена новата концертна сала на Македонската филхармонија. Со Свитата бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“ од еден од основоположниците на македонската музичка култура Трајко Прокопиев, со Концертиот за клавир и оркестар бр. 3 од Сергеј Прокофјев на кој како солист ќе настапи врвниот Трпчески, како и грандиозната Петта симфонија од рускиот великан Петар Илич Чајковски, ќе почне со работа новиот дом на Македонската филхармонија.
Новиот објект на Македонската филхармонија е изграден по идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и е разработен како основен и изведбен проект од проектантската куќа Македонија проект. Се протега на површина од 12.400 метри квадратни и истиот се одликува со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики по сите светски стандарди. Физичката локација на оваа комплексна сала го потенцира идеалниот триаголник со институциите од областа на музичко сценската дејност во нашата држава кои се наоѓаат во непосредната близина на Македонската филхармонија, а тоа се Македонската Опера и Балет и Факултетот за музичка уметност. Новиот објект располага со две сали, голема сала со капацитет 1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта. Големата сала располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип. Материјалите кои се употребени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика во која верувам дека ќе уживаат сите посетители. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани. Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа. Објектот поседува и кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените.